Обдукцијата треба да покаже од што починала 15-годишната гостиварчанка во возило на Брза помош!
Во возило за Брза помош починало 15 годишно девојче за време на транспортот од Гостивар до скопските клиники. Тинејџерката од гостиварското село Долна Гуновица пред неколку дена се жалела на болки во стомакот. Во саботата ноќта била на лекар и по дадената терапија здравствената состојба и се подобрила, по што си заминала дома. Но, вчера наутро повторно и се слошило и околу 9 часот со повраќање и дијареа завршила на Инфективното одделение во општата болница. Додека дежурните подготвувале терапија девојката добила силни грчеви, велат од установата.
-Дежурниот тим веднаш ја префрли пациентката во Ургентниот центар кој е во непосредна близина. Во меѓувреме и откажа работата на срцето. Анестезиологот ја реанимираше и интубираше и беше вратена во живот.За кратко време според сите процедури организиравме транспорт до Скопје, велат од гостиварската болница.
Но, после Тетово на девојката и откажале функциите на виталните органи. И покрај напорите, медицинскиот тим во амбулантното возило не неуспеал да ја оживее. Лекарите во скопскиот Ургентен Центар вчера околу пладне само констатирале смрт без видливи траги на насилство, се наведува во полицискиот извештај.
Телото на 15-годишната девојка е предадено на обдукција на Институтот за судска медицина. Анализите треба да пожажат дали труење со храна или нешто друго е причина за смртта на средношколката од гостиварско.