Нов проект: „Mедицински кловнови“ ќе помагаат за полесно лекување на децата
Специјално обучени медицински лица наречени „медицински кловнови“ кои владеат специјални вештини ќе ја подобруваат психолошката состојба на тешко болните хоспитализирани деца и возрасни во клиниките во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Фокусот ќе биде ставен на Клиниката за детски болести. Станува збор за спроведување проект „Медицински кловнови“ во рамки на кој 26 медицински лица вработени во неколку клиники завршиле обука и денеска им беа доделени сертификати во Медицинскиот симулациски центар.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска пред врачувањето на сертификатите истакна дека ова е еден сегмент во лекувањето, кој кај нас подолго време наназад е запоставуван, а секаде во развиените земји многу значи, бидејќи сериозно придонесува во надминувањето на најтешките болести.
– Психолошката поддршка посебно кај децата на еден ваков за нив многу прифатлив начин преку смеа и игра многу лесно ги одвлекува од боцкањето, од примањето на тешката терапија и со тоа им се помага да ги надминат сите тешки болести, рече Филипче.
Тој им се заблагодари на фондацијата Проект Хоуп, на Израелската амбасада, организацијата „Дрим докторс“ и Израелската агенцијата за интернационална соработка Маshav, под чие покровителство е проектот, кој е инициран од израелскиот амбасадор.
Потенцира дека подготвен е меморандумот кој ќе го потпишат со Комората на психолози на Република Македонија, а со цел да ги имплементираат овие нови методи на психолошка поддршка во лекувањето пред се на Одделот за онкологија.
– Ќе продолжиме и натаму да ја поддржуваме Детската клиника со сите нови методи и лекови со цел да го олесниме лекувањето на децата и да ги приближиме сите наши методи на лекување до европските стандарди. Истовремено, работиме на промоција на Медицинскиот симулациски центар во смисла на дополнително искористување на капацитетите за надградување на знаењата на сите медицински работници од медицинските сестри преку општите доктори и докторите специјалисти, рече Филипче.
Појасни дека фокус ставаат на Клиниката за детски болести, а тренирани се 26 лица кои ќе пружат психолошка поддршка и на некои други одделенија.
– Има тука тука повеќе вработени медицински работници, сестри, техничари итн. од повеќе клиники. Пред се ова се однесува на тешко болните дечиња, возрасни и жртви на сексуално насилство. Ова е само почеток, се надевам ќе прерасне во еден сериозен проект. Психолошката поддршка ќе ја дадеме за секој тип лекување, за секој тип дијагноза таму каде е потребно заради тоа што е докажано дека преку смеата, биолошки процеси со лачење ендорфин многу полесно се надминуваат овие тешки здравствени состојби, додаде Филипче.
Емилија Дуковски, регионален менаџер за развој и финансии во Проект Хоуп, рече дека психолошката состојба е многу значајна за луѓе кои подолго време престојуваат во болница без оглед на тоа дали се деца или возрасни. – Досега многу помалку внимание посветувавме на тој момент. Се надевам дека ова е прв чекор во подобрување на психолошката состојба на пациентите. Проектот во Израел се спроведува од 2002 година кога почна со тројца медицински кловнови. Сега имаме повеќе од 130 кловнови кои се редовно вработени во болниците во Израел и неколку пати работат со пациентот, додаде Дуковски.
Тренерот од невладината организација „Дрим Докторс“, Ротем Голденберг од Израел изрази задоволство од спроведувањето на проектот, непосредноста на медицинските лица и начинот на комуникација со пациентите.
Ваков пристап во лекувањето веќе функционира во Австралија, Нов Зеланд, САД, Велика Британија, Канада, Израел, Јужна Африка, Бразил, Европа…