Ни се заканува ли постантибиотска апокалипса?

113

Пред глобалната конференција во Берлин организирана од владата на Обединетото Кралство за да се прикаже заканата од отпорноста кон лекови, професорката Сали Дејвис, која има титула на дама, предупреди на пациентите да не им се даваат антибиотици што „не им се потребни“, бидејќи лековите ќе ја загубат ефикасноста и „ќе го означат крајот на модерната медицина“.

Таа предупреди дека заканата од инфекции предизвикани од антимикробна резистенција (АМР) го зголемува ризикот во спроведувањето операции како што се царски рез и замена на колк.

„Ние навистина се соочуваме, ако не преземеме акција сега, со страшна постантибиотска апокалипса“, рече таа.

„Не сакам да им кажам на моите деца дека не сум сторила сѐ што можам за да ги заштитам нив и нивните деца.“

Околу 700.000 луѓе низ целиот свет умираат годишно поради инфекции отпорни на лекови, вклучувајќи туберкулоза (ТБ), ХИВ и маларија.

Ако не се преземат мерки, се проценува дека инфекциите отпорни на лекови ќе убиваат 10 милиони луѓе годишно до 2050 година.

„Ова е сериозно прашање, што предизвикува смрт. Да беше што било друго, луѓето веќе ќе беа до лакти во него. Но бидејќи е скриено, само пуштаат да помине. Тоа навистина нема ‘лице’, бидејќи за повеќето луѓе што умираат од инфекции отпорни на лекови нивните семејства само мислат дека починале од неконтролирана инфекција. Само ќе се влоши ако не преземеме силна акција насекаде низ светот. Потребна ни е вистинска работа на теренот за да ја подобриме состојбата или ризикуваме крај на модерната медицина“, додаде Дејвис.

Таа ја отфрли заблудата на пациентите дека лекарите не пропишуваат антибиотици бидејќи се „злобни“. Тие всушност се „обидуваат да го спасат лекот, за тој да функционира кога навистина ќе биде потребно“.

Додека во Велика Британија непотребно се пропишува само еден од четири антибиотици, Дејвис вели: „други земји користат значително повеќе антибиотици и мора да почнат да прават како нас, за да ја намалат употребата“, рече таа.

„Нашите најнови податоци покажуваат дека сме го намалиле земањето антибиотици кај луѓето за 4,3 отсто во 2014-15 година од претходната година.“

Новиот проект, кој ќе го мапира ширењето на „супербубачките“, е соработка помеѓу Владата на Велика Британија, Фондацијата Велкам траст, фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Универзитетот во Оксфорд и Институтот за здравствени метрики и евалуација.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.