Откако беа потврдени 153 случаи на заразени, во округот Рокланд во државата Њујорк прогласена е вонредна состојба поради епидемија на морбили. Како резултат, воведена е забрана за невакцинираните деца да се движат на јавни простори.
Секој кој ќе ја прекрши оваа забрана ќе биде казнет со 500 долари и казна од 6 месеци затвор. На невакцинираните деца им е забранет влез во училиштата, трговските центри, рестораните и верските објекти. Забраната важи најмалку 30 дена (постои можност да биде продолжена).
Одлуката доаѓа откако рапидно е зголемен бројот на заразени и во Вашингтон, Калифорнија, Тексас и Илиноис. Процентот на вакцинирани деца драстично опаѓа во САД, а како најчести причини се наведуваат верските и филозофските убедувања на родителите, како и стравот од тоа дека вакцините предизвикувале аутизам.
„Нема да седиме со скрстени раце додека децата во нашата заедница се загрозени. Ова е криза на јавното здравство и време е да ги огласиме алармите“, вели Ед Деј, началник на округот.
Според New York Times, најголема концентрација на заразени во округот има меѓу ултраортодоксната еврејска заедница. Се страува дека епидемијата ќе се прошири на подрачјата околу Њујорк во кои веќе се забележани случаи на морбили.
И во Европа не цветаат рози кога се зборува за вакцинацијата, или поточно невакцинацијата. Во 2018-та се забележани повеќе од 82.000 случаи на заразени со морбили ширум Европа, што е за три пати повеќе отколку во 2017-та. СЗО дури и ги прогласи антиваксерите за една од топ 10-те закани по глобалното здравје за 2019-та година