Нервоза кај Белгијците – Застанаа во одбрана на помфритот!
Белгиските политичари се спротивставија на најавите за можна забрана на помфритот кој традиционално се прави во нивната држава, од страна на Европската комисија (ЕК), пренесува британски „Гардијан“. Пржените компири се дел од белгиската традиција, исто како и чоколадото и пивото по кои е позната оваа држава, што може да се забележи и според бројните улични штандови на кои се продава помфритот.
Дел од водечките луѓе во Европската унија, чие седиште е во Брисел, преку ЕК предлагаат компирите да се варат пред пржењето, со што во значителна мера би се намалил ризикот од создавање на канцерогени состојки во процесот на приготвување на помфритот.
Според традиционалниот начин на приготвување во Белгија, компирот се пржи двапати за да биде крцкав однадвор, а меко одвнатре. Белгијците кои тврдат дека го измислиле помфритот сметаат дека промените во начинот на приготвувањето ќе го расипаат вкусот на јадењето и ќе ја уништат богатата гастрономска традиција на нивната држава.
Портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас, се обиде да ги смири стравувањата на Белгија.
– Европската комисија нема никаква намера да го забрани белгискиот помфрит, ниту каков било друг помфрит. Комисијата подготвува нова регулаторна мерка која ќе ги обврзе продавачите на храна да практикуваат мерки за намалување на канцерогените состојки во храната – порача Шинас.