Нема нови случаи на затруени од ресторанот во Драчево – Двете лица сеуште се на Инфективна

Нема нови случаи на труење со храна од ресторанот во Драчево, кој во саботата инспекциските служби времено го затвориле откако 6 лица побарале лекарска помош на инфективна.

На епидемиолозите им кажале дека јаделе специјалитет со пилешко и мајонез во угостителскиот објект.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат утре ќе знае која е причината за труењето по добивањето на резултатите од земените брисеви. Во меѓувреме, според лекарите, подобрена е здравствената состојба на двете лица кои беа задржани на Клиниката за инфективни болести.

-Двете лица кои беа задржани на инфективна се во добра здравствена состојба и на клиниката се три дена, вели др. Сања Маринковиќ од Клиника за Инфективни болести.

Објектот во Драчево според надлежните ќе биде затворен се додека не биде направена целосна дезинфекција и темелно чистење. Според епидемиолозите, засега нема помасовни труења со храна, но велат сезоната допрва почнува.

Апелираат до граѓаните да бидат внимателни бидејќи салмонелата но и другите бактерии можат да предизвикаат сериозни компликации по здравјето и подолг престој во болница.

-Посебно се ризични помалите деца како и хронично болни и трудници кај кои овие труења можат да предизвикаат дехридрираност на телото за многу краток период и тогаш е неопходна хоспитализација. Можни се и други компликации и затоа мора да се внимава, вели Маринковиќ.

Јадењето на сомнителна храна и после неколку часа добивање на дијареа и повраќање, според инфектолозите е знак за труење и неопходно е веднаш да се побара лекарска помош.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.