Нема лекар во педијатарскиот пункт во Јане Сандански
Нема лекар во дежурниот педијатриски пункт во поликлиниката Јане Сандански. Изминатиот викенд што помина голем број на родители со болни деца ги пречекал само помошниот персонал кој не можел да им пружи здравствена услуга. Дополнително се малтретирале и барале установа каде има соодветен медицински кадар.
– Во услови кога изминатите денови има зголемено аерозагадување и опасните ПМ 10 честички се највисоки во Лисиче и Аеродром каде и се наоѓа поликлиниката Јане Сандански, најверојатно и овој викенд ќе нема лекар специјалист во педијатарскиот пункт и ќе нема кој да ги згрижи болните деца.
Во сезоната на грип, вирузи и респираторни инфекции има педијатриски пункт кој е нефункционален. Лекар за таму обезбедуваше Детска Клиника, но директорката на оваа установа за Сител изјави дека немаат доволно специјалисти и за нивните оддели а не да даваат за пунктови. Здравствените власти велат дека се запознаени со овој проблем и работеле на негово решавање.
-МЗ е во интензивни разговори со директорот на Здравствен дом Скопје и директорката на Клиниката за детски болести со цел решавање на проблемот со недостиг на дежурни специјалисти за пунктот во Јане Сандански. Се надеваме на брзо решавање, велат во писмениот одговор од Министерството за здравство.
Педијатарскиот пункт во Јане Сандански беше отворен за да се растеретат гужвите во Детска Клиника и во Козле и потешко болните деца да имаат соодветен третман. Сега надлежните повторно ја враќаат состојбата во минатото и им порачуваат на родителите додека го решат проблемот да ги носат децата на лекар во овие две установи. А граѓаните од Аеродром велат дека имаат потреба од дежурен педијатар.
-Треба како не…Аеродром е голема општина и треба да има ваков лекар во викенд, велат родители.
Инаку во овој пункт кој е отворен во 2015, имаше и над 6000 прегледи годишно.