Недостигот на кадар во јавното здравство ќе се пополнува преку нови пакет мерки

Министерството за здравство подготвува нови пакет мерки за да ги задржи младите лекари во земјава, а не да заминуваат да работат на клиниките во Германија и Швајцарија, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари при посетата на Клиничката болница во Штип.

Тој посочи дека за четири години Македонија ја напуштиле 1.000 млади лекари, меѓу кои, како што рече, и најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава.

– Над 200 доктори годишно заминуваат на два милиони население и тоа е многу голем број. Планираме пакет мерки, кои не можеме веднаш да ги спроведиме бидејќи треба промена на Законот за здравствена заштита. Планираме вработување на огромен број доктори. Над 400 специјализации наскоро се надевам дека ќе пуштиме за да ги мотивираме да остануваат тука. Планираме специјализантите да се платат од Клиниките, односно од болниците каде специјализираат, бидејќи ние ги искористуваме како кадар таму. Тие активно работат и учат таму и планираме огромен број на едукации, кои што ќе бидат бесплатни надвор, а посебно во регионот и во светот. Со што тие ќе излезат да видат како се работи таму и да се вратат тука и да продолжат да работат, рече Таравари.

Министерот за здравство забележа дека во сите болници во земјава има дефицит од лекари и медицински персонал. Најави дека наскоро и печатите на специјализантите ќе почнат да важат за, како што рече, решавање на овој проблем и додаде оти се постојано во координација со Лекарската комора.

– Се надевам дека пред или по Нова година ќе почне, односно ќе се изгласа новиот Закон за здравствена заштита, рече Таравари.

Прашан кога лекарите и медицинскиот персонал ќе добијат повисоки плати како што им беше и ветено, Таравари одговори дека не го заборавиле ова ветување.

– Значи не само покачување на платите на лекарите, туку и покачување на плати на сите здравствени работници и сестри и болничари и административци. Нема да постапуваме како порано да им се покачуваат платите само на докторите. Ќе работиме сите да имаат покачување, но тоа ќе се случи од идната година. Ние ќе имаме и многу добри изненадувања, позитивни за докторите, што мислам дека ќе биде плус докторите да се замислат и да остануваат тука, рече Таравари.

Новите пакет мерки, како што рече, веќе се подготвуваат, а се работат заедно со синдикатите и Лекарската комора.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.