На дел од МРП вакцините залепени декларации со рок до октомври 2018 – Увозникот се извини за техничката грешка

Министерството за здравство соопшти дека вонредниот инспекциски надзор кој во изминатите два дена го извршила комисијата формирана по барање на ресорниот министер Венко Филипче покажала дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и се целосно безбедни.

При надзорот, како што се посочува, била извршена контрола во повеќе вакцинални пунктови и биле детално исконтролирани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот. Утврдено било дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година.

Надзорот констатирал дека од страна на увозникот, компанијата Македонија лек бил направен технички пропуст. Имено, компанијата Македонија лек, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата Македонија лек. Родителите и граѓаните може да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата. Вакцините во вакциналните пуктови се со проверен квалитет и безбедност и во исправен рок на траење, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Од компанијата увозник Македонија лек се извинија за техничката грешка. Во соопштението тврдат дека сите МРП вакцини од марката „Priorix“, кои ги дистрибуира „Македонијалек“ се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови се дистрибуирани вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019, соопштија од компанијата, која е увозник и дистрибутер на тие вакцини, а по извршената внатрешна контрола за проверка на наводите изнесени во јавноста за можно присуство на вакцини со поминат рок.

Од компанијата посочија дека при контролата откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, наведуваат од компанијата, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018.

Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања веднаш се повлечени за да нема натамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок. Горенаведената вакцина нашата компанија ја увезува од 2016 година и таа во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет. „Македонијалек“ стои на располагање за соработка со институциите за целосно расчистување на овој случај, истакнуваат од компанијата.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.