Многу ретка компликација од анестезија најверојатно е причина за смртта на 15 годишното момче од Скопје
Многу ретка компликација од анестезија најверојатно е причината за смртта на 15 годишното момче од Скопје кое завчера починало за време на операција на колената на Клиниката за трауматологија. Момчето се повредило на часот по физичко и требало итно да биде оперирано. Од ТОАРИУЦ тврдат дека биле запазени сите протоколи, а со истиот инхалационен анестетик дента биле оперирани десетина пациенти. Кај момчето анестезијата предизвикала откажување на функцијата на витални органи.
-Се работи за една нестандардна, а гресивна и многу ретка состојба на која организмот многу снажно реагира на некој од инхалационите анестетици. Сметам и тврдам дека почитувани се сите протоколи и хируршки и анестезиолошки, оваа реакција е невидена досега повеќе од 20 години колку што сум на хируршките клиники, изјави д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИУЦ.
Дежурните анестезиолози повеќе од 1 час се обидувале да го реанимираат пациентот, но без успех.
-Запазени се сите протоколи, изјави д-р Маја Мојсова, раководител на КАРИЛ.
Што точно се случувало во вторникот вечерта во операционата сала ќе испитува и стручна комисија формирана од клиниката. Резултатите од обдукцијата која е направена на Судска медицина треба да покажат дали генетска малигна хипертермија како реакција на анестезијата е причина за смртта на тинејџерот. Случајот го анализирира и министерството за здравство.