Многу брачни парови во Македонија сакаат второ и трето дете по пат на ин витро

262

Расте интересот на брачните парови за добивање на дете по пат на вештачко оплодување. Покрај зголемувањето на бројот на прво дете добиено со ин витро, изминатите три години во постојан пораст е и одлуката на сопружниците да добијат и второ дете со биомедицинско потпомогнато оплодување. Според евиденцијата од Фондот за здравствено осигурување, во 2015 година ваучери добиле 1341 пароти од кои 1194 биле за прво а 146 за второ дете. Во 2016 година бројките се зголемени, па, биле одобрени 1588 барања за прво дете со ин витро и 189 за второ.

Годинава само во првите 6 месеци Фондот им овозможил на 654 брачни парови да се обидат да добијат прво дете со вештачко оплодување и на 107 за второ дете. Во 2016 и 2017 година, комисијата одбила само 11 барања кои не ги исполнувале условите согласно законот и правилникот за ин витро. Од 2015 година кога беше одлучено и трето и четврто дете со вештачко оплодување да бидат на државна сметка, многу парови се одлучуваат да го зголемат семејството со уште еден член. Лани имало дури 10 барања за трето дете и едно за четврто, а првите шест месеци годинава има 7 за трето и едно за четврто дете.

Како што расте бројот на барањата, така се зголемуваат и средствата кои се одвојуваат од фондовската каса за вештачко оплодување. Ако во 2012 година Фондот исплатил 89,6 милиони денари за ин витро, во 2016 година сумата е зголемена на повеќе од 113 милиони денари за 1401 барање.

По добивање на позитивен одговор од комисијата, сопружниците имаат право да изберат во која од 9-те здравствени установи со кои Фондот има склучено договор, ќе го реализираат вештачкото оплодување.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.