Министерот за здравство најави нова терапија за пациентите со Хепатит
Со нова терапија ќе се лекуваат пациентите со вирус Хепатит од крајот на годинава, ќе се изработи и национална стратегија, но клучно за справување со овој проблем се скринингот и раното откривање, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Доколку оваа болест се открие рано со новата терапија може многу лесно да се третира поради што работиме на национална стратегија врз основа на која ќе се изработи акциски план за следните чекори, изјави Филипче, кој присуствуваше на активностите што во ТЦ Рамстор во Скопје ги спроведе Хепар центарот од Битола по повод Светскиот ден за борба против хепатитот – 28 јули, со спроведување бесплатни прегледи за рано откривање на хепатит Ц и Б.
Активностите годинава се посветена на пронаоѓање на луѓето кои не се свесни дека го носат овој вирус.
Според Филипче, обезбедени се средства до крај на годинава да се воведе нова терапија и нема да се користи старата, која со години се применува и не дава ефект како новите.
Милан Мишковиќ од ХЕПАР центарот укажува дека за пациентите е многу важна терапијата која, како што вели, ќе овозможи и намалување на бројот на заболени од карцином и од хепатоцелуларен карцином, а со тоа и ќе се намалат и трансплантациите. Новите терапии се со тројно дејство: спречување на трансмисија, лекување и превентива од карциноми.
– Бараме побрзо да се имлементира оваа терапија бидејќи моментно имаме одреден број на пациенти кои се ризични. Исто така покрај Хепатит Ц нова терапија е потребна и за Хепатит Б, која не е многу иновативна и скапа и сметам дека тоа може да си го дозволиме. Излегоа некои бирократски промени кои треба да се направат, но сметам дека Министерството за здравство набрзо ќе излезе со одговор на тоа, изјави Мишковиќ.
Важна улога имаат и семејните лекари кои, смета Мишковиќ, треба да им објаснат подобро на пациентите за опасностите на кои се изложени ако не одат редовно на контроли и не примаат терапија бидејќи во подоцен стадиум третманот и лекувањето е многу тешко.
Во наредниот период активностите на Центарот ќе бидат насочени кон примарната заштита каде ќе алармираат особено за ризичните групи, како корисниците на наркотични средства, пациентите на дијализа, хемофиличари, но и комуналните работници и медицинскиот персонал, хомосексуалците.
Според последните податоци на Светската здравствена организација Македонија се вбројува во државите со еден процент од жители кои имаат хепатитен вирус.
Статистиките на глобално ниво покажуваат дека, 60 проценти од инфицираните со хроничен хепатит Б или Ц, доколку навреме не се третираат тие може да добиваат карцином на црниот дроб или малигното заболување, хепатоцелуларен карцином, што претставува директна опаснот по животот на пациентот.