Меѓаши бара целосна истрага за претепувањето на ученичката во Неготино

 

По скандалозната снимка од неготинското основно училиште во кое ученички тепаат соученичка, со реакција излезе и првата детска амбасада Меѓаши. „Повторно и по којзнае кој пат сме сведоци на уште една агресија врз децата во рамки на образовна институција. Во дворот на ОУ „ Гоце Делчев“ во Неготино две ученички брутално тепале и влечеле за коса една нивна соученичка и тоа во присуство на други деца кои набљудувале и соучествувале. Не се важни причините за овој брутален чин, но застрашува фактот на неконтролирана агресија од страна на децата врз свои соученици, што е резултат пред се на затајување на воспитанието во семејството а веднаш потоа и затајување на воспитно образовниот процес во училиштето.

Ова покажува дека не само ранливите категории деца се изложени на опасности туку и децата во училиштата. Очекуваме Министерството за образование и наука т.е. министерката Рената Десковска да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилствотo и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и училишниот двор. Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата.

Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.Ги повикуваме службите во МОН да ги ревидираат застарените правилници за регулирање на поведението на учениците и да разработат мерки за интеревнција при инциденти на насилство во училиштата.

Исто така сметаме дека државата треба да работи на отворање на центри во кои ќе се работи и со децата жртви, но и со децата насилници, бидејќи на семејствата чии деца се вклучени во вакви инциденти им треба психосоцијална помош и друга поддршка.

Детската амбасада Меѓаши повикува на поголема одговорност на родителите и нивна активна улога во превенција на меѓуврсничкото насилство за да не се случи најлошото! Воедно ги повикуваме Државниот просветен инспекторат и МВР да го утврдат степенот на одговорност, со казни за сите сторители и соучесници“ велат од Меѓаши.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.