Матичните лекари на еднодневен штрајкт!? Одлуката утре!
Еднодневен штрајк на матичните со неиздавање на терапија за хронично болните. Дали оваа закана ќе биде реализирана утре ќе одлучи Управниот одбор на Здружението на приватни лекари. Велат дека состојбата е алармантна, нема доктори и електронски картички, а досега тројца министри за здравство немале слух за нивните барања. Матичните со години бараат пациентите да бидат на Приватната здравствена установа а покрај тоа сакаат и повеќе пари од фондовската каса. Предупредуваат дека во поголемите градови многу нивни колеги одат на интензивни курсеви по германски јазик, по што планираат да ја напуштат земјата. Министерот Филипче знае за заканата на матичните и најави дека ќе има средба со нив дури наредната недела.
-Има огромен број на барања и од матичните лакри и од приватните гинеколози. Имаме соодветно разработено решение, но тоа нема да биде имплементирано се додека не седнеме да разговараме со здруженијата. Во текот на следната недела ќе разговараме за сите нивни барања и како да им излеземе во пресрет, вели Венко Филипче, министер за здравство
Претходно, и матичните гинеколози се заканија дека ќе прекинат со прегледи и добија зголемување на капитациониот бод како и најави за понатамошни преговори за исполнување на барањата. Договори со Фондот сакаат и стоматолозите специјалисти кои бараат да бидат дел од здравствената мрежа а државата и на нив да им ги покрива стоматолошките услуги како и на останатите колеги.