Матичните гинеколози ќе добијат зголемување на капитацијата од 50 на 55 денари
Зголемување на капитацијата од 50 на 55 денари од втората половина на годината, ова начелно било договорено на средбата на ФЗОМ со претставници на Здружението на приватни гинеколози и акушери на Македонија.
На средбата се дефинирале чекори за реализирање на заеднички цели за зголемување на квалитетот на здравствените услуги кои се во интерес на осигуреничките.
– Се заклучи дека ќе се најде модалитет за вреднување на услугите дадени на бремените осигурени жени што треба да биде имплементирано во наредниот договор помеѓу ФЗОМ и матичните гинеколози – пишува во соопштението.
Според соопштението, главна цел на ова е унапредување на статусот на матичните гинеколози и неопходна итна потреба од нивно максимално ангажирање за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките во Македонија.
Договорено е да се формира работна група од страна на ФЗОМ и претставници на матичните гинеколози која ќе работи на креирање на пакет на услуги во гинеколошка акушерската дејност на примарно ниво.
– Формирањето на пакетот на услуги ќе произлезе од медицината базирана на докази а е во согласност со Упатството за антенатална заштита и другите клинички упатства во гинекологијата и акушерството – се наведува во соопштението.
Матичните гинеколози во јануари годинава побараа зголемување на капитацијата на 60 денари, а од ФЗОМ одговорија дека тие се најскапо платените специјалисти во Македонија.