Лекари од Холандија ќе ги обучуваат македонските колеги за да се намали смртноста на предвреме родените бебиња
Повеќе од 250 македонски гинеколози, акушери, педијатри, неонатолози, интензивисти како и медицински сестри учествуваат во обуките за најновите методи за клиничка дијагностика, како и за пред и пост натална грижа, што почнаа денеска во Скопје, а ги одржуваат професори од Амстердам.Обуките се подржани од Алкалоид АД Скопје.
Обуките се одржуваат во рамки на ПериМак проектот, што е во партнерство меѓу Министерството за здравство, проектот ХОПЕ Македонија и проектот ХОПЕ Германија. Основна цел на проектот е зголемување на стапката на преживување кај предвремено родените бебиња во одредени тежински групи и до 30 отсто.
ПериМак проектот се реализира од почетокот на 2016 година од страна на проектот ХОПЕ во партнерство со Министерството за здравство. Досега, во рамки на проектот се започна со подобрување на условите, капацитетите и експертизата во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“- Чаир и ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести – оддел за интензивна нега, со цел создавање на „Перинатални центри на извонредност“.
Една од целите на проектот е да се овозможи на медицинскиот кадар во болниците да третираат специфични патологии и состојби на високоризични бремености, како и прематурни и ризично родени новороденчиња што поефикасно. За оваа цел, најсовремена медицинска опрема во вредност од околу еден милион евра веќе е донирана, од страна на проектот ХОПЕ Германија до двете болници, како и мал дел до Клиничка болница Тетово. Дополнително, неколку доктори од идните експертски центри веќе поминаа обуки од по неколку недели во Универзитетските болници во Амстердам и Бон. Во планот на ПериМак, е во проектот да се вклучи уште најмалку една болница во текот на наредната година.