Кубанските вакцини не биле регистрирани во Македонија и затоа не биле давани на пациенти

199

Ниту еден лек што не е регистриран во државата не смее да му биде даден на пациент, особено не на тешко болни. Ова е ставот на директорот на Онкологија, зошто сите стотина дози од кубанските вакцини за рак на бели дробови ќе завршат на Дрисла. Доктор Нино Васев вели дека рокот им истекол пред неколку месеци кога тој дошол на директорската функција во Клиниката. Но и да биле употребливи немал да дозволи нивно користење.

-Не знам ниту кој ги донел, ни зошто ни за кого се наменети. Не може нешто што го нема нигде во Европа, што не е регистрирано и по медицина базирана на докази, вие да му го давате на пациенти. Вие може да верувате и дека гледање во сонце лекува, и може тоа е така, но нешто што не е потврдено, што не поминало серија на испитувања, не може да го нудите на пациенти, вели др. Нино Васев, директор на Клиника за Онкологија.

Кога пристигна вакцината во Македонија кон крајот на 2015 година, надлежните потврдија дека имало интерес кај пациенти со рак на бели дробови за нивна употреба. Но Васев е категоричен дека должност на секој лекар е да му објасни на болниот каков е тој лек и дали е ефикасен. Вели дека не треба никој да посегнува по терапија која не е медицински одобрена, а особено не препрати кои секојдневно ги има по интернет и наводно лекувале рак.

-Незнам, пациенти пијат рскавица од ајкула, семе од ова, од она..Слушнале дека и петролеј лекувал рак па пијат, а незнаат дека тоа предизвикува проблеми на бубрези, стомак, вели Васев.

Кубанските вакцини деновиве ќе завршат во печката за медицински отпад во Дрисла. Минатата година нејзиниот состав бил тестиран и на Фармацевтскиот факултет. Анализите, како што велат онколози од Клиниката, не го дале очекуваниот резултат. Спорен бил и фабричкиот рок на вакцината.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.