Комисијата од МТСП утре ќе каже кој е одговорен за 13 годишното девојче од домот “25 Мај”
Комисијата формирана од Министерството за труд и социјална политика, утре ќе каже кој ќе ја понесе одговорноста за 13 годишното девојче од домот 25 мај, кое беше принудено да абортира. Дали институцијата каде било згрижено, назначениот старател или потфрлил целиот систем на заштита на ранливите категории? И додека истрагата е во тек, од ВМРО-ДПМНЕ бараат од министерската Мила Царовска да поднесе оставка за овој скандалозен случај.
-Министерке Царовска, престанете да ги гледате судбините на децата како обична бирократија. Овој скандал заслужува разрешница и одговорност, пред се од вас како ресорен министер. Недозволиво е институциите да молчат и прашање е уште колку вакви слични случаи се имаат случено, а за кои јавноста никогаш не дознала.
Одговорност министерке Царовска ќе има, но јавноста најмалку што очекува од вас е заради вашата надреденост над институциите, вие да понесете во најмала рака политичка и морална одговорност и да си поднесете оставка, изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Психолозите кажаа дека на оваа возраст децата не можат сами да донесуваат одлуки и затоа имаат старатели кои се грижат за нив. Организации кои работат на оваа проблематика побараа многу поголема одоговорност и грижа од надлежните институции, но и кривична одговорност за сексуалните злоставувачи на девојчето.
-Овој случај укажува на нефункционалност на институциите. Бараме одговори од нив – да се истражи што точно се случило, кој е одговорен, соучесници, одговорност од оние кои знаеле а молчеле, но и од оние кои не знале а требало да знаат, вели Ана Битољану од Меѓаши.
Од труд и социјала се сомневаат дека девојчето било жртва на сексуална експлоатација а не силување. Според евиденцијата на МВР, девет пати било пријавувано за исчезнато од страна на вработени во социјално згрижувачки установи. Од 2011 е штитеник на државата, кога ја одземале од родителите поради питачење.