Колку дена во неделата треба да работите ако имате 40 години?
Една австралиска студија покажа дека луѓето кои имаат над 40 години се најпродуктивни ако работат три дена неделно.
– Во средните животни години скратеното работно време може да биде ефикасно од повеќе причини, но прво поради одржување на здрава когнитивна способност, вели професор Колин Мекензи, еден од тројца автори кои работеле на студијата.
Дека тридневната работна недела е идеална за работниците постари од 40 години потврдија и другита истражувачи на студијата.
Имено, кај учесниците во експериментот, когнитивниот ефект кај луѓето во повозрасни години од животот прво бил подобрен откако работната недела била зголемена до 25 часа. Меѓутоа, кај луѓето кои работеле повеќе од 25 часа неделно, вкупниот ефект бил намален поради засилената исцрпеност и стресот.
Во експериментот учествувале 3.000 мажи и 3.000 жени од Австралија и биле изложени на серија когнитивни стресови, а истовремено биле следени нивните работни навики.
Утврдено е дека најдобро ја вршеле работата тие кои работеле 25 часа неделно, додека тие кои работеле 55 часа покажале многу полоши резултати на тестовите, па дури и полоши и од тие учесници кои се во пензија или биле невработени.
– Многу земји планираат да ја зголемат старосната граница за одење во пензија, тоа значи дека луѓето ќе работат и во својата старост, вели Мекензи.
Според него, степенот на интелектуалната способност во голема мерка зависи од работното време. На пример, тоа може да биде меч со две острици, бидејќи работата ја стимулира мозочната активност, но ако е долготрајна, може да предизвика замор и стрес, што може потенцијално да ги оштети когнитивните функции.