Кога ќе бидат во функција новите акцелератори наменети за ГОБ 8-ми септември, Битола и Штип? – Градежните работи стопирани!
Повеќе од пет месеци се стопирани градежните работи на бункерот во ГОБ 8-ми септември каде треба да биде поставен акцелераторот. На фирмата изведувач и останало само финализирање на работите на објектот, но во дворот на болницата од Нова година досега не се појавил ниту еден работник. Во 2016 на поставување на камен темелникот, беше најавено дека бункерот ќе е готов за девет месеци. Филипче знае за проблемот и вели дека просторот ќе биде готов до крајот на летото. Работите доцнеле и поради изборот на нови членови во проектната единица во министерството.
-Започнуваме постапка за распишувањ ена тендери за средувањ ена вишоците со фирмата изведувач. Кога ќе заврши оваа постапка ќе го продолжиме договорот со фирмата. Беше стопирана и работата на проектната единица но сега има нов директор и ќе имаме подобрена динамика, вели Венко Филипче, министер за здравство
Освен во 8-ми септември, доцни поставувањето на акцелератори и во Битола каде се уште биле во тек градежни раобти како и во Штип. Сите три акцелератори кои се купени пред повеќе од две години седат во магацини а на два веќе им поминале и гаранциите.
-Проблемот со акцелераторите е што кога ги купувале не предвиделе каде ќе ги чуваат па сега некои се во шпедиции, други во магацини. На два им поминале гаранциите и како ќе биде сега не знаеме. Пред една година имало проверка и ќе видиме, јас се надевам дека нема некој апарат да ги изгуби функциите или да не може да се постави, вели Филипче.
Откако новите акцелератори ќе бидат во функција, надлежните очекуваат растеретување на пациентите кои сега одат само на Клиниката за Онкологија.
Со поставување на акцелераторот во 8-ми септември, за да почнат со зрачна терапија неопходно ќе биде да ангажираат и дополнителен стручен кадар, за кој Министерството за здравство кажа дека ќе дадат дозвола за вработување.