Клуч на болницата Санте Плус, антестезиолозите од КАРИЛ ќе бидат суспендирани!
Затворена приватната болница Санте Плус. Државниот здравствен и санитарен инспекторат при вчерашниот вонреден надзор донел одлука за забрана за работа се додека болницата не ги отстрани недостатоците што ги констатирале инспекторите. Неофицијално, проблем се техничките услови за функционирање на установата. Од болницата не успеавме да добиеме одговор што ќе прават со пациентите кои овој период имаат закажано кај нив. Освен ДСЗИ во Санте Плус деновиве е присутна и стручната комисија формирана од Министерството за здравство која треба да утврди каде и како настапила смртта на 31 годишната родилка од Кичево која според објаснувањето од приватната болница, добила реакција од анестезијата. Дознаваме дека пред членовите на комисијата има обемна документација и мора да бидат сослушани сите инволвирани во случајот. Од тимот на Брза Помош кој ја транспортирал до КАРИЛ, до гинекологот кој бил во операционата сала а наводно не работел во Санте Плус туку имал своја приватна ординација. Иако нема официјални информации, лекари коментираат дека со трахеотомија родилката можела да биде спасена. Дополнително, комисијата треба да даде одговор и каде починала жената бидејќи од КАРИЛ тврдат дека кај нив била донесена мртва. И додека истрагата за починатата родилка се уште трае, директорот на ТОАРИУЦ ни потврди дека утре или задутре ќе се знае која ќе биде казната за нивните вработени кои без дозвола биле во приватната болница.
– Дисциплинската комисија ќе одлучува не само за анестезиологот кој незаконски бил за време на породувањето во Санте Плус, туку и за негов колега од КАРИЛ кој бил повикан на помош. Неофицијално, и двајцата ќе бидат времено суспендирани од работа.
31 годишната родилка починала во четвртокот за време на царскиот рез. Била со општа анестезија и настанале компликации со затворање на дишните патишта. Бебето се уште е на одделот за Интензивна нега на Детска клиника и според лекарите е во подобрена состојба.