Истражување на научници од Минхен: Антителата против корона вирусот траат само неколку месеци

Истражување на научници од Минхен покажа дека антителата против корона вирусот не се задржуваат во телото подолго од неколку месеци, што ја доведува во прашање ефикасноста на евентуална вакцина или долгорочниот имунитет.

Тестовите кои биле направени на пациенти кои се лекувале во минхенската клиника Швабинг покажале значителен пад на бројот на неутрализирачки антитела в крвта, вели Клеменс Вендтнер, виш советник на одделот за заразни болести во болницата.

Кај четворица од деветмина пациенти бил забележан пад на неутрализирачките антитела на многу специфичен тест кој може да се направи во лабораторија со голема сигурност, вели Вендтнер.

Сега може да се шпекулира за влијанието на ова откритие на долгорочниот имунитет и стратегијата за развој на вакцина, додава тој. Резултатите сугерираат дека пациентите кои закрепнале можат повторно да се заразат со вирусот, но потребни се дополнителни тестови за тоа да се потврди.

Телесниот имунитет го прават В-клетки одговорни за антителата и Т-клетки кои помагаат во уништувањето или можат сами да ги уништат патогените кои научиле да ги препознаваат откако организмот бил изложен на првата инфекција. И двата вида се одговорни за долготрајниот имунитет.

Откритието на Вендтнер е во согласност со други истражувања спроведени во други делови од светот. Кинески научници во списанието Nature напишаа дека присуството на антителата на корона вирусот во крвата значително паѓа после само два месеци. Тоа особено се однесува на асимптоматските болни кои произведуваат помалку антитела и поради тоа имаат послаба имунолошка реакција

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.