Интервју со д-р Бране Грамбозов: Кога ќе се претставев дека сум Македонец во очите на пациентите по потекло од Македонија гледав надеж и топлина!

Доктор Бране Грамбозов е млад и амбициозен лекар кој студирал медицина во Германија и Австрија. Моментално работи на одделот за радиотерапија и радио – онкологија на Универзитетската клиника во Салцбург. Во интервју за samozdravje.mk зборува за патот до успехот на познатите Универзитети и Клиники каде се стекнал со знаење и пракса.

Вашето медицинско образование и лекарска пракса ја стекнувате во Германија и Австрија. Зошто се одлучивте да заминете во Западноевропските држави?

Потрагата по ново знаење, по новиот живот и пред сè љубопитност да видам колку можам да постигнам во една средина каде што знаењето е моќ. Германија и Австрија се средини во коишто според моите размислувања би можел да постигнам голем успех. Со мислите за еден таков успех го започнував секој ден, многу години, за конечно по завршувањето на 4-та година во горната гимназија во Битола, го остварам она за кое постојано копнеев, односно го реализирам мојот животен план. Откако аплицирав на повеќе универзитети во Германија, на кои бев примен, мојот избор беше Хајделберг, кој впрочем е еден од највисоко рангираните универзитети во светски рамки. Во Хајделберг останав неколку години каде што и го завршив предклиничкиот дел од моето образование по медицина. Потоа заминав во Innsbruck (Австрија), каде што останав 6 години. Го завршив Медицинскиот Универзитет vo Innsbruck и промовирав доктор по медицина на тема: Дијагностичка и интервентна катетеризација кај пациенти со вродени срцеви мани под менторство на шефот na педијатриската кардиологија на Универзитетската клиника vo Innsbruck, универзитетскиот професор Jörg-Ingolf Од Innsbruck одлучив да специјализирам општа медицина на Универзитетската клиника во Линц. Специјализацијата ја продолжив на Универзитетската клиника во Salzburg, каде и започнав втора специјализација во областа на радиотерапија и радио – Oнкологија, каде што се наоѓам и денес. Моментално сум асистент и работам во одделот на радиотерапија и радио – онкологија на Универзитетската клиника во Salzburg.

Колку е поразлично од кај нас  да се студира медицина во Германија и да се работи во Австрија?

Споредба на Македонија со Австрија или Германија не би можел да направам поради тоа што не го познавам македонското високо образование, ниту, пак, македонскиот здравствен систем. Меѓутоа сум уверен дека во Македонија постојат доктори кои можат да ја завршат својата работа, зашто во спротивно системот би колабирал, но и уште пострашно, би згаснал и некој човечки живот. Праксата и знаењето не се чекаат самите да дојдат, туку се бараат. Образованието само по себе отвора големи врати, меѓутоа ние сме тие кои треба да влеземе низ нив и да ги затвориме. Секој од нас има можност да го промени својот живот, прашање е дали секој може да го исчекори тој тежок пат во кој на крајот има светлина. Има многубројни пракси во Германија и Австрија за време на образовниот процес. Во летните распусти мора да се работи во болница вкупно 3 месеци за време на клиничкиот дел и уште 3 месеци за време на предклиничкиот дел, за да може да се пријави државниот испит. Потоа има 12 месеци практична година во која што мора да се пријави ротација на: хирургија, интерна медицина, како и два или три изборни предмети и општа медицина. Сигурен сум дека има многубројни разлики помеѓу нашиот Австриски здравствен и образовен систем и Македонскиот, меѓутоа не треба да се заборави фактот дека Македонија е далеку помала земја, која што во својата историја не секогаш се занимавала со наука или пак, со класична музика, туку народот на македонските простори се занимавал со борба за слобода и права.

Релативно сте млад, но амбициозен и надежен лекар. Дали во досегашното лекарско искуство сте имале можност да помогнете на пациенти од Македонија?

Пациенти од Македонија кои живеат во Австрија сум имал, и секој пат кога ќе се претставев како Македонец гледав надеж и топлина во нивните очи. Секако, со задоволство бев нивни доктор.

Моментално работите можеби во најчувствителната област во медицината,  дали ова ви беше предизвик како уште додека студиравте?

Не размислував дека ќе бидам токму на фронтот на борбата со ракот. Моите планови беа во насока на кардиологијата, меѓутоа во последен момент ја променив насоката. Областа во која што би можел да направам најмногу како доктор и пред се како човек е токму онкологијата, односно радиотерапијата. Овој конкретен дел од медицината е со најбрз развој од сите останати. Се појавуваат многубројни новитети, мноштво апаратури и методи со кои би можеле да зададеме тежок удар на оваа болест. Морам да признаам дека има тешки денови, но има и денови исполнети со задоволство за добро завршената работа.

Кои се вашите идни планови и дали некогаш сте размислувале да се вратите во Македонија и да го пренесете вашето искуство на македонските колеги?

Мојот план е да ја работам мојата работа најдобро што можам. За враќање во Македонија не сум размислувал. Би сакал во моите постари години да бидам поприсутен во Македонија, бидејќи отсекогаш сум сакал да ја видам Македонија како успешна земја, а и луѓето кои трагаат по знаење и сакаат вистински да работат, да ја добијат својата шанса.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.