Граѓаните се гушат – Кога надлежните ќе прогласат алармантна состојба!
Во Аеродром и Лисиче се гушат во смог а не се дише ниту во Центар, Карпош, Тетово, Велес и Битола. Мерните станици во Министерството за животна средина покажуваат дека загадувањето со опасните ПМ честички вчера во Лисиче биле и 10 пати над дозволената граница а висока концентрација има и денеска. Надлежните чекаат да поминат 48 часа за да прогласат аларматна состојба со загадувањето на воздухот и да стапат на сила сетот ургентни мерки што пред десетина дена ги донесе Владата. Утре ќе се знае дали трудниците и хронично болните ќе бидат ослободени од работа и дали ќе има бесплатен градски превоз. И додека институциите бројат часови, лекарите алармираат дека аерозагадувањето е сериозна закана по здравјето на сите. Најпогодени се срцево болните.
-Негативно влијае бидејќи не стигнува доволно кислород до срцето. Пациентите кои ги имаме ние, тие што се оперирани на кардиохирургија обично им препорачуваме повеќе да се движат. Но во оваа ситуација не можеме да даваме таква препорака, вели проф. Др. Сашко Јовев, кардиохирург
Во меѓувреме, од град Скопје информираат дека забраната за достава на стока во централното градско подрачје во периодот од 7.30 до 18 часот која е дел од сетот ургентни мерки, ќе почне да важи од 1 јануари наредната година. Ќе бидат казнувани оние кои истовараат на улица или тротоар.
-Оваа забрана не се однесува за фирми кои имаат обезбеден простор за дотур на стока, туку на возилата кои застануваат на тротоари и улици и притоа ги оставаат запалени возилата. Значи дистрибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката“, изјави портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.
Скопските власти кои побараа од граѓаните годинава да не палат бадникарски огнови, најавија дека ќе има инспектори кои ќе одат на терен и ќе контролираат. Но нема информации дали во меѓувреме ќе се казнуваат и граѓани кои палат оган на отворено. Инаку за да стапат на сила ургентните мерки, треба загадувањето на воздухот два дена по ред на најмалку две мерни станици да биде 4 пати над дозволеното.