Годинава дванаесет лица заболеле од туларемија – Повеќето се од Арачиново и Грушино

789

Дванаесет случаи на туларемија се регистрирани годинава во Македонија. Најголем дел се од Арачиново и Грушино, а двајца заразени има и од Кумановско. Сите се на различна возраст и успешно се лекувани на Инфективната клиника. Епидемиолозите ги презеле сите потребни мерки за дезинфекција и дератизација во овие региони за да спречат ширење на заразата.

Ова е втор поголем број на заболени, по епидемијата во 2015 година кога беа регистрирани 25 лица лица со туларемија.

-Главни преносители на бактеријата се глувците, зајаците и крлежите, но може да се пренесе и преку контаминирана вода и прашина, вели д-р Александар Миќиќ, епидемиолог во ИЈЗ и додава дека болеста почнува со симптоми слични на грип – покачена температура, треска, потење, малаксаност. Карактеристично за туларемијата е појавата на оток на лимфните жлезди.

Според лекарите ова сериозно инфективно заболување трае од 2 до 4 недели. Успешно се лекува со антибиотици. Епидемиолозите советуваат, најдобра превентивна мерка е заштита од глодари и инсекти, одржување на лична хигиена и да се внимава на храната која се консумира. Во последните триесетина години во Македонија туларемија била евидентирана само три пати.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.