Глувците можат да го запрат стареењето, можат ли и луѓето?

Како што вели легендата, шпанскиот истражувач Хуан Понсе де Леон ја барал митската Фонтана на младоста, кога наместо неа ја открил Флорида.

Сепак, излегло дека не морал да оди толку далеку бидејќи фонтаната на младоста би можела да се наоѓа точно меѓу вашите очи. Матичните клетки во делот од мозокот хипоталамус, можат буквално да бидат регулатор на телесниот часовник.

Истражувачите од медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк можеби нашле начин да ги свртат наназад стрелките од тој часовник, барем кај глувците.

На научниците им е познато веќе некое време дека областа на мозокот наречена хипоталамус ги контролира главните функции како што се растот, репродукцијата и метаболизмот. Истражувачите во Њујорк откриле дека матичните клетки на хипоталамусот директно влијаат на начинот на кој телото старее.

– Брзината на стареењето може да го контролира одредено место во телото – хипоталамусот. И може да се контролира со одреден вид на клетки, т.е. матичните клетки на хипоталамусот. Мислам дека тие откритија се интересни, потенцијално одлични, вели Донгшенг Чаи од колеџот „Алберт Ајнштајн”.

Во основа, кога хипоталамусот ќе почне да старее и телото почнува да старее.

– Кога функциите на хипоталамусот се во опаѓање, посебно губењето на неговите матични клетки и таа заштита против развојот на стареењето е изгубена, тоа секако води кон стареење, додава тој.

Со тоа откритие, истражувачите почнаа да бараат начин да го освежат хипоталамусот кај лабораториските глувци со помош на матични клетки.

– Кога вбризгавме матични клетки од хипоталамусот кои се земени од млади глувци, во средовечни глувци, тоа всушност го успори стареењето. Така глувците старееја побавно и им се продолжи животниот век, т.е. долговечноста, вели Чаи.

Следниот чекор, секако е да се открие дали ефектите против стареењето исто така се делотворни и кај луѓето.

– Ако тоа што го направивме на животните, можеме да го пренесеме на луѓето, мислам дека луѓето би можеле подобро да функционираат во текот на доцната фаза на стареењето, смета Чаи.

Тоа што е уште поважно за истражувачите е дека откритието исто така може да помогне на лекарите да воспостават дијагноза и да третираат многу здравствени проблеми поврзани со стареењето.

Гласот на Америка – Вашингтон

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.