Филипче: Платите на хирурзите се покачени за 5300 денари
Во јавното здравство зголемување на платите ќе добијат 19.123 вработени за што се издвоени 117.483.846 денари од буџетот за 2018 година.
Министерот Филипче соопшти дека на наставниот кадар во хируршките гранки на универзитетските клиники во просек платата ќе се зголеми за 5.300 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за 4.500 денари. На медицинските сестри на универзитетските клиники со високо образование во просек ќе биде две илјади денари, а на средно медицинскиот кадар за околу 1.500 денари на универзитетските клиники.
Во општите болници со зголемување на платата наставниот кадар ќе зема поголема плата за околу 4.700 денари, лекарите специјалисти за 4.060 денари, медицинските сестри со високо образование за 2.050 денари, а средномедицинскиот кадар ќе зема поголема плата за 1.050 денари.
– Како министер за здравство и како доктор убеден сум дека со зголемување на надоместокот за прекувремена работа, дежурства и ноќен труд, нешто што го направивме претходно, како и зголемување на платите ќе се даде значаен стимул за подобрување на положбата и достоинството на сите работници во македонскиот здравствен систем, рече Филипче.