Филипче: Исполнуваме последна желба на млада почината пациентка – нејзините органи да бидат донирани
Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека утрово, на клиниките за Кардиохиругија и Урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор.
„По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези од донорот. Сите неизмерно благодариме и се поклонуваме пред огромната човечка хуманост на 42 годишната пациентка која ја загуби битката со животот и ја исполнуваме нејзината последна желба – нејзините органи да бидат донирани. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40 сетина години кои се на дијализа. Почнувајќи од мај 2020 до сега извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво. На моите колеги од КАРИЛ, Клиниката за каридохирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за трансфузиологија, Клиниката за кардиологија, Институтот за тансфузиона медицина и Институтот за радилогија, им посакувам успешна работа. Сочувство до семејството на 42 годишната пациентка и неизмерна благодарност за нивната хуманост и добрина“, напиша Филипче.