Директорите на болниците и клиниките ќе ја кројат здравствената стратегија во државата!
Разработуваме повеќе модели за да ги решиме проблемите со недостиг на специјалисти, ментори и да набавиме опрема за болниците и здравствените установи во земјава, меѓу кои е и прилепската болница. До крајов на месецот здравствените установи да соопштат што им недостига за да се подготви стратегискиот план во здравствениот сектор, изјави министерот за здравство Венко Филипче, по посетата на прилепската болница. Инаку само во „Борка Талески“ во Прилеп и недостасуваат барем 20 до 30 специјалисти во сите одделенија, како и опрема.
– Во прилепската болница со години работат врвни експерти кои даваат солидна здравствена заштита и сакаме тој тренд да продолжи. Квалиетот на здравствените услуги да го надградиме со набавка на нова опрема, прием на нови лекари и специјализации. Во моментов се соочуваме со сериозен недостиг на кадар секаде во земјава, а недостасуваат и ментори за одредени специјалности. Потребни се гинеколози, педијатри, посебно анестезиолози. Затоа разработуваме повеќе модели: како да ги задржиме менторите за да ги едуцираат нашите кадри, рече министерот Филипче.
Затоа, додаде, директорите на клиниките во Скопје со директорите на општите болници и на здравствените домови имаат задача до крајот на овој месец да дадат стратегија за развој на својата струка, а врз основа на тоа ќе биде дефинирана здрвствената стратегија во целата држава.
– Тоа значи на секоја клиника, во секоја болница и здравствен дом точно ќе се знае со колкав број специјалисти располагаме, на која возраст се, каква опрема има за соодвентна специјалност, какво е знаењето на докторите и каква проекција ќе направиме за понатаму. Така ќе ја формираме регионализацијата, за да не се доведуваме во ваква ситуација да недостигаат доктори по одредни специјалности. Ќе обезбедуваме стратегиски пристап. Процесот не може брзо да оди, потребно е време да се создадат специјализанти и да се обучат, па и да стекнат искуство, но акутно го решаваме проблемот со размена на специјалисти таму каде што недостасуваат, изјави Филипче.
Од почетокот на годинава досега во земјава биле вработени 2.200 лица медицински персонал, а со промената на програмата за специјализација, треба да се решава и проблемот со недостиг од специјалисти. Покрај набавка на опрема, здравствените објекти, посебно прилепскиот треба да се направи енергетски ефикасен за што ќе се бараат средства од европски институции.