Детската кардиохирургија од први јануари во болницата на Жан Митрев – Чадиковски по 21 година ја напушта Детска хирургија!

Договорот на болницата „Жан Митрев“ за извршување кардиохирушки интервенции на возрасни, но и на деца, од идната година ќе се прошири и ќе опфати интервенции на деца со најтешките срцеви мани кои досега се лекуваа на Клиниката за детска хирургија. Оваа одлука денеска на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека со инфраструктурата која ја има таа болница ќе има одлични услови за лекување на тие деца.

Во овој момент, посочи Филипче, дијагностиката се прави во приватна болница, дел од лекувањето се одвива на Клиниката за детски болести, а оперативните интервенции и интензивната нега се спроведуваат на Клиниката за детска хирургија, која е оптоварена со зголемениот обем на работа и бројот на пациенти.

Тој рече дека целта е да се спојат експертизите во државното и во приватното здравство и да ја симнат јасната бериера меѓу државните и приватните болници и да им овозможат на докторите да работат во приватните здравствени установи.

– Трошокот за овој договор ќе остане ист, услугите кои ги купува Фондот од Детската кардиохирургија, сега ќе ги купува од друго место. Очекуваме за ист трошок да имаме подобри услови за работа на лекарите, за престој на децата и нивните семејства. Ова е модел со кој сакаме докторите да ги задржиме во нашата земја. Додека не биде готов новиот Клиничкиот центар не можеме да исполниме инфраструктурни услови за нови методи, посебно за тие кои бараат мултидисциплинарен пристап, а тоа значи повеќе специјалности на едно место со цел да се направи нова метода и интервенција. Очекуваме дека со ова дополнително ќе бидат стимулирани докторите и медицинските сестри, нагласи Филипче.

Трошокот на Фондот ќе остане ист, а од страна на Министерството за здравство, истакна Филипче, ќе заштедиме сума пари кои сега одат кај странските едукатори, а после ова таа странска експертиза нема да биде потребна.

– Очекуваме овој центар да стане регионален со такво ниво на експертиза на приватните и јавните доктори кои сега ќе бидат на едно место, во такви услови во болницата кое е акредитирана според највиоските амаерикански стандарди и нема да имаме конкуренција во целиот регион. Очекуваме дека овој модел ќе го преземат и околните земји, бидејќи со одлив на здравствен кадар се соочуваат и Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Косово…, додаде Филипче.

Директорот на ФЗОМ, Ден Дончев рече дека наместо за некои од тие услуги за лекување деца странство да плаќааат на странска здравствена институција, тоа ќе го прават на нашите здравствени здравствени установи.

– Веруваме дека преку овој проект значително ќе ја намалиме бројката на дечиња кои ги праќаме во странство за овој тип интервенција. Фондот во просек обезбедува милион евра на годишно ниво за здравствени услуги за детска кардиохирургија на домашната клиника. Истовремено во просек испраќаме годишно околу 20 дечиња во странство за кардиоваскуларни интервенции. Во просек една здравствена интервенција чини 15.000 до 20.000 евра. Тоа се дополнителни 300.000 до 400.000 евра во просек кои Фондот ги обезбедува за лекување на децата во последните неколку години. Средствата кои Фондот ќе продолжи да ги обезбедува за овие здравствени услуги ќе бидат на исто ниво, но условите за работа ќе бидат значително подобри. Тоа е најголемата мотивација бидејќи го реализираме ова јавно-приватно партнерство, истакна Дончев.

Посочи дека кардиохирушките интервенции кои ќе се извршуваат во приватната болница ќе продолжат да бидат на товар на Фондот како и досега. Додаде дека буџетот кои ги издвојува Фондот за оваа намена планирано е да остане на исто ниво како и досега, а долгорочно сакаат ова партнерство да резултира со создавање центар на извонредност.

Коментари

коментари