Децата кои минуваат повеќе време в природа, имаат посилен имунитет

Децата кои почесто си играат во природа и на зелени површини, имаат посилен имунитет, покажуваат нови истражувања.

Научниците веруваат дека тоа се случува затоа што на нивната кожа и во системот за варење се развиваат микроби различни од оние кај деца кои минуваат помалку време или воопшто не си играат на зелени површини, на пр., в шума и слично. Така, во западниот свет, сѐ поголем е бројот деца кои имаат автоимуни заболувања, како што се астма, дијабетес тип 1, воспаленија на цревата и мултиплекс склероза. Се претпоставува дека главната причина за ова е тоа што децата се сѐ помалку изложени на микроби, што порано не беше случај. Последицата е – недоволен развој на имунитетот.

– Кога ги видовме резултатите, бевме изненадени од тоа колку им е зајакнат имунитетот. Нашето истражување може да помогне во осмислување превентивни мерки за намалување на епидемија на имунолошки заболувања, смета д-р Аки Синконен од финскиот Институт за природни извори, кој ги предводеше истражувањата.

И претходни испитувања покажаа поврзаност меѓу изложеноста на микроби и развој на имунитетот. Истражувачите сега само потврдуваат дека е можно подобрување на имунолошкиот систем на децата ако се промени животната околина на децата од урбаните средини.

Новото истражување опфати 75 деца во два града во Финска, што е релативно мал број. Тоа е објавено во списанието „Сајенс адвенсес“.

Д-р Грејм Рук од Колеџ универзитетот во Лондон смета дека ова и сличните истражувања се залог за иднината и имаат огромна важност за децата, нивниот имунитет и тоа како престојот в природа влијае врз сѐ ова.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.