Д-р Весна Стојанова-Атанасовска: Гугл и Фејсбук не се лекари

Децата да се лекуваат на лекар, не на интернет

За разлика од порано, денешните родители кога носат болно дете на лекар, многу често се набилдани со информации. Читаат на интернет, споделуваат искуства меѓу себе, а голем број од нив се дрзнуваат да сугерираат терапија, не знаејќи дека секој случај е своја приказна. Педијатрите велат дека се подготвени да одговараат на многуте прашања и дека воопшто не им е проблем да објаснуваат и дека нема ништо лошо во тоа родителите да се поддржуваат, или да споделуваат искуства. Меѓутоа, лекарот е тој што одлучува кој лек треба да се користи зашто лекувањето на своја рака може да биде многу опасно

Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, педијатар, ни издвои 10 правила, потсетувања, кои, како што вели, настанале од искуството со родителите и неретко ги потсетува на нив.

 

1. Гугл е пребарувач, а „Фејсбук“ е социјална мрежа. Не се лекари. Децата се лекуваат кај својот педијатар, а не на интернет.

2. Секој случај или секоја здравствена состојба е индивидуална, а лекарот е тој што прави процена што треба да се преземе и кога. Резултатите од анализи знае да ги стави во контекст со извршениот преглед, здравствената историја на детето.

3. Терапијата што за некого е лек, за друг може да е отров. Консултирај се со својот лекар пред да почнеш да земаш каква било терапија или, пак, да му ја дадеш на детето.

4. Довербата меѓу родителот и лекарот е половина алка во лекувањето.

5. Сумамедот е антибиотик, не е препарат на база на мед или чоколадо. Антибиотик се дава за да се излекува инфекција која настанала поради бактерија.

6. Лекарот одредува кој антибиотик може да помогне, врз база на анализи, преглед, знаење и искуство. Не правете го тоа сами!

7. Вирусите не се лекуваат со антибиотици. Непотребното лекување со антибиотици создава резистентност, поради што тие може помалку или воопшто да не помогнат кога ќе биде најпотребно.

8. Родителите, детето и лекарот се тим. Од соработката зависи и успехот на лекувањето!

9. Нема ништо лошо во тоа да се побара второ мислење, но шетањето од еден до друг, трет лекар не ве прави посигурни. Напротив, ве прави понедоверливи и исплашени.

10. Слушајте го и почитувајте го докторот.

Коментари

коментари