Четврти случај на Делта сојот во државава, вакцините штитат од потешката форма на болеста и од смрт

34

Четврти случај на индискиот делта сој на коронавирус е потврден во државава. Пациентот е со лесна клиничка слика и се лекува во болницата во Велес. Според здравствените власти, засега не се планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но деновиве, најдоцна до почетокот на следната недела ќе го имаат конечниот став.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека државите во регионот треба да имаат поорганизиран пристап во однос на ширењето на делта сојот. Тој вчера посочи дека ќе разговара со колегите министри од земјите во регионот за да заземат заеднички ставови.

Во делот на клиничката слика, сè уште нема точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. Некои публикации, укажуваат дека нема, но Фолипче смета дека сè уште е рано тоа да го потврдат.

Министерството за здравство вчера соопшти дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид-19. По направените анкети со пациентите било утврдено дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.

– Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој осум-девет дена откако појавил симптоми на Ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација, информираа од МЗ.

Во болниците во моментов нема притисок, ниту за прегледи. Од вчера во болницата во Битола не се лекува ниту еден пациент, а во Охрид само уште едно лице.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје регистрирани се 16 нови случаи со Ковид-19 од 2.873 тестирања. Од нив четири во Тетово, по три во Скопје и Струмица, два во Куманово, и по еден во Прилеп, Гостивар, Охрид и Струга. Починати пациенти не се регистрирани, а оздравеле четворица.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.732, бројот на оздравени пациенти е 150.104, на починати е 5.486, а на активни случаи изнесува 142.

Од следната недела треба да почне теренската вакцинација против Ковид-19. Ќе ја организира секој директор на здравствен дом, во зависност од бројот на жители во помалите места.

Во однос на ефикасноста на вакцините, Филипче нагласува дека дефинитивно штитат од потешки форми на болеста и од смрт. Оваа недела, како што соопшти вчера, се вакцинираат над 60 илјади граѓани кои се пријавени за вакцинација. Сите граѓани кои од сега натаму ќе се пријават, вакцинацијата ќе се закажува во пунктовите во здравствените домови и во поликлиниките во Скопје.

– Во салите ќе продолжи ревакцинацијата заклучно со последните денови од јули, за во август да функционираат пред се здравствените домови и поликлиниките, појасни Филипче.

Во државата вкупно се аплицирани 613.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 232.595 граѓани.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.