Болничките капацитети забрзано се полнат

Од оние кои се хоспитализирани на клиниката, голем процент е на кислородна поддршка, вкупно 80 од 108 пациенти. Нема пациенти на респиратор. Откако ќе се пополнат и останатите болнички легла, на сила ќе стапи полицискиот час. Ова го најави министерот за здравство Венко Филипче. Целта е неколку недели да се стабилизира напливот на хоспитализации, за да се испразнат капацитетите и да се подготват за други пациенти.

Директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ вели дека поради тоа што има високи бројки на новозаразени, ќе има и многу хоспитализации.

-Ако се преполни модуларната болница, во која доаѓаат пациенти од цела Македонија, ќе мора да се активираат и останатите болници, но тогаш со толкав број на пациенти, медицинскиот кадар како и до сега ќе го дава максимумот но нема да биде исто. Ќе се нема време да се посвети на еден пациент, во смисла да го пресоблечат неколку пати, да им се сменат пелени, да ги нахранат полека. Квалитетот секако ќе биде помал. Тоа е маката всушност и затоа сите овие месеци апелиравме да се почитуваат мерките за да нема огромен наплив на пациенти. А верувајте, дури десет проценти од новозаразените завршуваат во болниците, вели доктор Стевановиќ за Фактор.

Моментално во земјава има над шест илјади активни случаи на Ковид 19, а само последното деноноќие регистрирани се рекордни 641 од кои најмногу во Скопје. Освен тоа, смртноста од вирусот неделава бележи раст, и во еден ден сега умираат и по 10 до 12 луѓе. Само маската, дистанцата и честото миење на рацете, се клучни за спречување пандемијата во земјава дополнително да ескалира.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 47 пациенти кои се лекуваат од коронавирусот, а од нив на респиратор се петмина. Во болницата во Битола се хоспитализирани 52, а во болницата во Штип се 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци се хоспитализирани 214, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

И во болницата во Штип е преполно со пациенти заразени со коронавирус, па тие сега се препраќаат во Кочани каде едно интерно одделение е модулирано во Ковид центар. Од сите што биле хоспитализирани завчера во Штип, половината се на кислородна поддршка, а раководството тврди дека кога ќе дојдат на болничко лекување, веќе пациентите имаат тешка клиничка слика.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.