Бањање и витамински пијалоци за бездомниците на пеколните горештини
Даут и уште педестина бездомници од главниот град најдоа спас од пеколните горештини. Бањање, вода за пиење, лесна храна и витамински пијалоци се услугите кои денеска ги добија во пунктот на Црвен Крст во Момин Поток. Даут кој 4 години е без дом и семејство вели дека е добро што има кој да мисли на нив.
-Многу е топло и овде имаме храна, вода…на ова топло време нема кај да се сокриеш, Овде се дружиме и така бегаме од горештините, вели Даут…бездомник.
Синоќа владата ги усвои препораките на министерството за здравство за заштита од топлотен бран, меѓу кои е и помошта за старите и изнемоштени лица и бездомниците од страна на локалните власти и Црвениот крст.
-Работиме два дена во неделата, вторник и петок, секако овде доаѓаат, се бањаат, добиваат чиста облека а оние кои не сакаат ние имаме тимови кои патролираат и им даваат вода, вели Драгана …од Црвен Крст
Лекарите ги советуваат граѓаните и денеска и утре да не излегуваат без потреба од 11 до 17 часот. Повеќе од 10 минути директна изложеност на сонце може да доведе до топлотен удар.
-Нема правило, но секако, колку подолго останете ризикот да се онесвестите и доживеете топлотен удар е голем. Многу течности и придржување до препораките, особено на хронично болните кои примаат терапија, вели Оливер Алексовски од Брза Помош
Според најавите, утре ќе биде најтоплиот ден со температури до 42. Освежување и разладување доаѓа од понеделник кога температурите ќе паднат за 10 степени.