Ако пациентите се водат на име на ординација, а не како досега кај избраниот доктор бенефит ќе имаат и едните и другите и нема да се соочуваат со постојаните проблеми, тврдат од здружението на приватни лекари. Нивниот предлог кој го доставиле до министерството за здравство би се однесувал не само за матичните лекари по општа пракса и педијатрите туку и за гинеколозите и стоматолозите.
-Многу често младите лекари си заминуваат, ќе поработат 2-3 месеци и си одат надвор од државата. Автоматски сопственикот на амбулантата има финансиски проблеми затоа што се кратат тие пациенти кои биле кај второвработениот доктор, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПРЛМ.
Од министерството за здравство одговорија дека ги разгледуваат сите предлози од матичните лекари.
-Се работи за повеќе предлози, меѓу кои се разгледува и можноста лиценцата за работа да биде на име на приватната здравствена установа, а пациентите при избор на матичен лекар да не се водат на име на избраниот лекар, туку на имe на приватната здравствена установа, во која работи докторот. Значи, во моментот се бара најсоодветно решение за сите доставени предлози од стручните здруженија, стои во одговорот од МЗ.
За да пациентите избираат амбуланта, а не лекар неопходни се измени во законот за здравствена заштита, но од здравство не откриваат дали и кога тоа ќе се случи.