Настинката обично трае четири до шест дена, а ако симптомите траат подолго, запрашајте се што правите погрешно
Настинката може да биде предизвикана од 200 видови различни вируси и не се лекува со антибиотици, бидејќи вирусите не реагираат на нив.
Обично, најпрво се јавува болка во грлото и течење на носот. Потоа, доаѓа до затнување на носот и блага кашлица. Зголемената температура обично изостанува или е малку зголемена првите денови кај возрасните, додека кај децата е почеста.
Не се одмарате доволно
Спиењето му помага на имунитетот да работи како што треба. Кога ќе настинете, ви треба повеќе сон и одмор за да може телото да се бори со вирусите и да ви помогне да оздравите. Првите три дена, од појавата на првите симптоми, треба повеќе да одмарате.
Освен тоа, дури и кога сте здрави, ако сте ненаспани и уморни, полесно ќе настинете, бидејќи имунитетот е послаб, а со тоа телото е поподложно на болести.
Според едно истражување, луѓето кои спијат помалку од 7 часа се речиси три пати посклони на болести, за разлика од оние кои спијат осум и повеќе часа.
Не пиете доволно течности
Кога човек ќе се разболи, лесно станува дехидриран, а болното грло може да направи да ви се пие помалку вода од вообичаено. Исто така, зголемената температура го забрзува трошењето на влага од телото, како и создавањето слуз.
Токму затоа, кога сте настинати, треба да внесувате доволно течности во телото, без разлика дали се работи за вода, чај или супа. Воздржете се од кофеинот и алкохолот, бидејќи тие од телото извлекуваат повеќе течности отколку што остануваат откако ќе ги испиете.
Под стрес сте
Стресот влијае многу лошо на имунолошкиот систем и вашиот организам не може да се бори со вирусите како што би требало. Кога сте под голем стрес, полесно може да се разболите, ако сте веќе болни, побавно ќе заздравувате и симптомите на болеста ќе стануваат сè полоши.
Не станува збор за настинка
Лесно е да ја замените настинката со некоја друга болест. На пример, ви се чини дека сте настинати, имате одредени симптоми, но никако не ви поминуваат, бидејќи всушност сте алергични на нешто.