Жените во Македонија не одат на гинеколошки преглед

Страшно!

Жените во Македонија не одат на гинеколошки прегледи дури и кога ќе добијат покани за редовен преглед. Според податоците добиени од центрите за јавно здравје, вкупниот број жени кои примиле покани за гинеколошки преглед во 2018 година изнесува 46.438, а 17.477 од нив не се јавиле на преглед што претставува дури 38 отсто од поканетите жени.

Согласно Програмата за рана детекција на малигните заболувања за 2019 година на Министерството за здравство се предвидува да бидат испратени 32.000 покани до жени на возраст од 36-45 години, што претставува околу 22 отсто од проценетото женско население на таа возраст, како и да се направат 24.000 ПАП тестови во рамки на организираниот скрининг што е посебна програма финансирана од страна на Министерство за здравство.

Исто така, се заложивме да се зголеми буџетот за нов тип вакцина против ХПВ. Наместо досегашната двовалентна, сега е четиривалентна. Апелирам да се зголеми опфатот со вакцинација, затоа што целосно може да се елиминира ризикот да се заболи од ова заболување, кое може да биде и смртоносно. Ќе продолжиме да ја подигнуваме свеста и со различни кампањи и информирање на јавноста“, изјави Венко Филипче, министерот за здравство.

Тој денеска присуствуваше на настан во рамки на иницијативата „Ride4Women“, започната од неколку европски лекари, со цел преку возење велосипед на долги патеки да се подигне свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза на ракот на грлото на матката, потребата за подобрување на целокупното здравје, како и зачувување на животот на жените.

 

Жените на било која возраст имаат можност да направат ПАП тест при редовен преглед кај својот матичен гинеколог, а оваа услуга е покриена преку Фондот за здравствено осигурување.

Во Македонија за скрининг на рак на грлото на матката во првиот квартал на 2019 година се поканети вкупно 10.633 жени на возраст од 36-45 години.

Во здравствените региони каде гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни, како што се Македонски Брод, Демир Хисар, Пробиштип и Крушево заложба е да ги обезбедиме овие услуги преку капацитетите со кои здравствениот систем располага на секундарно ниво“, истакна Филипче.

Министерот посочи дека посебен акцент е ставен на зајакнување на кадровските капацитети на примарното здравство. Во континуитет се распишуваат и кофинансирани специјализации за матични гинеколози и во изминатиот период има околу десетина специјализанти на кофинансирана специјализација по гинекологија.

гинекологжениМакедонија