Четири жени дневно се дијагностицираат со рак на дојка во Македонија. Само минатата година откриени се 1.200 нови случаи со овој тип на карцином.
Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за дури 9 отсто во последниве 15 години. Симболична розова прошетка во организација на здружението „Борка“ ќе се одржи во недела во Скопје.
Целта на настанот е да се даде поддршка за болните од рак и нивните семејства. На плоштадот ќе бидат поставени штандови од каде ќе можат да се купат розови маички, а со средствата собрани од продажбата ќе бидат купени перики кои ќе бидат донирани на жените кои ја изгубиле косата како последица од хемотерапија.
– Со кампањата сакаме да ја подигнеме свесноста меѓу жените со метастатски, напреден стадиум на рак на дојка, кој може да се излекува доколку е откриен навреме. Сакаме да ги поттикнеме жените кои живеат со рак на дојка да имаат продуктивен и квалитетен живот и да се стремиме да се намали инциденцата на напредната болест преку подобрување на услугите за поддршка, рече Додева.
Таа нагласи дека од продажбата на секое од 30-илјадите пакувања чоколадни бонбони „Аталантис“ во кои се вметнати информативни флаери на македонски и албански јазик, 10 денари ќе бидат одвоени за активностите на Здружението.