За прв пат ФЗОМ одвојува 8 милиони денари за лица со дијабетична ретинопатија!

Во 2019-та година осигурениците на Фондот за здравствено осигурување ќе добијат рекорден буџет од триесет милијарди и седумстотини деведесет и два милиона денари, односно над 500 милиони евра.

Новото зголемување за 2019 година е за над 2 милијарди и двестoтини  милиони денари, споредено со почетниот буџет за 2018-та година. Покачувањето на здравствениот буџет е резултат на врвниот приоритет што Владата на Република Македонија го дава на здравството. Затоа се зголемени трансферите од централниот буџет. Зголемени се и приливите од придонесите како резулат на зголемената економска активност во Македонија.

Исто така, рекорден износ од 16,5 милијарди денари Фондот одвои за јавните здравствени установи. Овој износ е за една милијарда и петстотини милиони денари поголем, споредено со почетниот буџет за 2018-та година за јавните здравствени установи. При поединечната распределба по установа, Фондот се раководеше по следниве приоритети:

Одвојување на средства за неопходното зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавното здравство.

Нови вработувања во 2019-та година на медицински персонал во установи каде што е неопходно.

Нивото на задолженост  на одредена јавна здравствена установа.

Значителни суми одвоивме за условни буџети, односно наменски, со однапред утврдени цели. Меѓу другите, би ги одвоил следните:

  • Нови, наменски средства ќе добијат универзитетските клиники за онкологија, хематологија, неврологија и ревматологија. Финансиските средства се за групна набавка за иновативни лекови.
  • Наменски условен буџет од преку еден милион евра одвoивме за клиниките за хематологија и имунологија, за 14 трансплатации на коскена срцевина од несроден дарител. Ваква прва успешна трансплантација, оваа година веќе имавме благодарение на Клиниката за хематологија. За потсетување, досега ваквите случаи Фондот за здравство ги испраќаше на лекување во странство. Притоа, секоја поединечна трансплатација чинеше најмалку 110 илјади евра, а во покомплицирани случаи надминуваше и 200 илјади евра.
  • Наменски одвојуваме преку 10 милиони денари за Клиниката за гастро- ентерохепатологија, за биолошка терапија на кронова болест.
  • Над 30 милиони денари условен буџет ќе бидат одвоени за Детската клиника за набавка на фактор 8 за лица со болест хемофилија.
    • За ПЕТ-центарот да го зголеми обемот на работа, ќе бидат обезбедени нови 25 милиони денари.
    • За Клиниката за кардиологија за набавка и вградување нови, дополнителни 1000 стентови ќе бидат одвоени 20 милиони денари.
    • За приватните здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, посебно би ги одвоил следниве:
    • Преку 530 милиони денари се одвоени за ортопедски помагала, односно 70 милиони денари повеќе споредено со почетниот буџет од 2018 година.
    • За луѓето со дијабетична ретинопатија, првпат ќе бидат одвоени средства од над 8 милиони денари за Клиниката за очни болести за препарат со премиум квалитет. Резултатите најмногу ќе бидат видливи кај младата популација со дијабетес.

 

буџетдијабетичнаклиникаретинопатијафзом