За да им се закаже операција на пациентите кои се за итна интервенција, или на оние кои со месеци чекаат хируршки зафат во јавна здравствена установа, тие мора да направат тест за КОВИД-19. Но, не можат да бидат тестирани преку државниот систем на Институтот за јавно здравје без да плаќаат, туку ако сакаат операција мораат да се тестираат во приватните болници или лаборатории и да платат околу 4.000 до 6.000 денари.
Но, и покрај тврдењата на Филипче дека пациентите не треба приватно да плаќаат за ковид тест, родители на 14-годишно момче од внатрешноста кое во петокот ја скршило раката на повеќе места и од локалната болница поради сериозноста на повредата било испратено во Клиничкиот центар во Скопје велат дека уште чекаат да му се изврши хируршка интервенција зашто нема тест за коронавирус.
Според кажувањето на родителот, детето во големи болки било примено во Ургентниот центар, каде му биле направени сите испитувања, само не и тестот за коронавирус. На родителот му било кажано дека како итен случај со сериозна скршеница на коската која на снимките изгледала како исечена со секира, мора веднаш да се оперира.
Првин им било кажано дека тестот ќе му биде направен таму, на сметка на Клиниката. Потоа дека не може, па може, па не може, и така поминал викендот. На крајот, хирургот им кажал дека сепак детето не може да се тестира на државен трошок, ќе мора задолжителниот тест да го направи на некоја од приватните клиники.
Детето не било примено на Клиника и испратено дома со терапија за смирување на болките. Бидејќи не живее во Скопје, мајката седи со него кај роднини и чека повик од болницата, а во меѓувреме направиле тест за коронавирус во приватна болница за да ја забрзаат операцијата. Ако тестот излезе позитивен, иако се надеваат дека не е, бидејќи семејството доаѓа од град каде што нема регистрирани активни случаи на КОВИД-19, момчето ќе мора да се оперира во „8 Септември“.
„Болката стивна, се појави чешање. Се плашам да не зарастува таа дробеница. Се плашам и да не загноила. Гледам цел ден во телефонов, чекам резултат од приватната клиника каде што го направивме на наша сметка тестот за коронавирус. Се надевам ќе дојде попладнево. Се надевам дека веднаш ќе го оперираат“, очаен е родителот на повреденото дете. Вели, да ни кажеа уште веднаш дека сами треба да го направиме тестот, досега трипати ќе го направевме. „Толку можеме да платиме, за операција во приватна болница не можеме“.
извор:vecer.mk