Вработените во здравството најавуваат протест на 8 април

Вработените во здравството нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор. Поради тоа на 8 април најавуваат протест што ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, а ќе заврши пред Министерството за здравство.

– Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата, соопшти денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Според информациите на ССМ, освен вработените во здравството, усогласување на платите ќе нема и во образованието и во Министерството за внатрешни работи.

– Усогласување со порастот на минималната плата ќе нема и во образованието поради непотпишување на колективниот договор. Според моите сознанија, и вработените во Министерството за внатрешни работи нема да добијат усогласување на палтите, меѓутоа управата на локално ниво, правосудството, Правобранителството, јавнообвинителската служба, судската служба и.т.н. ќе добијат усогласување имајќи предвид дека Синдикатот на УПОЗ потпиша низа колективни договори каде ова право е утврдено меѓутоа и законските решенија, кои се обидуваа на мала врата да ги сменат пред објавата на висината на минималната плата, го овозможуваат тоа, истакна Трендафилов.