Во Македонија може да се измени и дополни во одреден дел постоечкото законодавство што е прилично обемно и секој вид храна посебно се уредува како се складира, означува и како се транспортира.
Измените и дополнувањата се потребни пред се во Законот за безбедност на храна што ќе повлече носење нови два подзаконски акти, но и мали измени и на законите за донација и оние закони кои се однесуваат на даночни политики заради ослободување и стимулирање на бизнисите и операторите со храна, за да сакаат да ја донираат храната. Македонија е на второ место веднаш по Србија и пред Албанија, како земји кои не се членки во ЕУ во однос на Банки за храна.
Ова се дел од заклучоците на денешната јавна презентација и тркалезна маса на тема „Националните и Европските политики и правилници со последиците од фрлање храна: Дали ни е потребен нов Закон за нефрлање храна или промена и унапредување на дел од веќе постоечките закони кај нас?”
Душко Христов, претседател на Банка за храна – Македонија изјави дека домаќинствата се најголеми расфрлачи на храна во Македонија, а најмногу се фрла леб како производ. Бизнисот, посочи, фрла храна, но одреден дел од бизнис заедницата го покрива тој вишок или фрлање на храна.
– Храната од рестораните не се фрла, и во тие ресторани има луѓе со ниски примања. нема некој да не јаде пола плескавица, потенцира Христов.
Во Македонија според нашите истражувања, посочи Христов, 70 до 80 илјади луѓе имаат два до три оброка неделно. Овие податоци се добиени врз основа на вкрстени истражувања во последните три-четири години од страна на 13 организации кои работат во 11 градови во државата. Во Скопје на дневна основа има потреба од минимум 13 илјади и повеќе оброци. Според Христов, не само социјалните случаи имаат потреба од храна, имаат потреба и оние со ниски примања, а тие во Македонија, подвлече, се со најголем број.
– Работиме со институции, но повеќе ќе треба да работиме и работиме со бизнис заедницата бидејќи таа треба да се мотивира што повеќе да донира храна, изјави Душко Христов, претседател на Банка за храна – Македонија.