Не стивнува бројот на пациенти кои со симптоми на труење побарале помош во гостиварската болница. Викендот во оваа установа прегледале 70 гостиварци кои имале пролив, повраќање, стомачни тегоби и малаксаност. Лекарите за 6 дена ваква здравствена состојба дијагностицирале кај повеќе од 500-тини жители на градот и околните села. И покрај напливот од болни во инфективното одделение, се уште не е познат изворот на масовното труење во Гостивар. Санитарни и здравствени инспектори уште во петокот ја исклучија можноста дека во прашање е храна и најголем сомнеж има за водата за пиење. Во тек се поделтани анализи на примероци од вода во Институтот за јавно здравје. Според информации на Сител од ИЈЗ, бактериолошки водата била исправна и останува да го проверат физичко хемискиот состав за евентуално присуство на пестициди. Резултатите ги очекуваат за утре. Од гостиварската болница се категорични дека не е во прашање вирусно заболување.
-Не може да е сезонска вирузоа, бидејќи крвните анализи кај поголем број од нив покажуваат дека има присуство на бактерија и затоа очекуваме да дознаеме кој е причинителот на заразата..сите се сомневаат на водата за пиење, вели Гојарт Сулејмани, директор на болница во Гостивар
И додека се чекаат резултатите за Гостивар, анализите на водата за пиење во Тетово покажуваат дека е исправна и безбедна за пиење. Неколку дена жителите од овој град се жалеа на непријатен мирис при нејзиното пиење.