Центар за дијабетес отворен во болницата во Велес

Центар за дијабетес беше отворен денеска во ЈЗУ Општа болница во Велес, во целосно реновиран дел од Инфективното одделение кој бил користен како магацински простор. Центарот е опремен со инвентар од Новонордиск – партнер на велешката болницата во лекување на болните од дијабетес.

Воедно со грант од 47 илјади евра од Европската унија ќе се набави и најсовремена апаратура за дијагностика и третман на пациентите со оваа болест кои се околу шест илјади во поширокиот велешки регион .

На настанот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче со својот тим и се сретна и разговараше со д-р Митко Стровјанов, директор на ЈЗУ Општа болница-Велес и медицинскиот тим, вработените, како и со Димче Велев, претставник на Здружението на граѓани болни од дијабетес „Лолипоп шеќерче“

Филипче истакна дека Министерството за здравство е целосно посветено кон подобрување на условите за лекување на пациентите со оваа болест и на сите други пацинети.

– Пристапивме и при крај сме со промена на регулативата за увоз на лекови и ги менуваме тендерските постапки на начин на којшто цената на лековите на сакаме да биде по истиот критериум, туку сакаме тоа да го регулираме со тоа што ќе обезбедиме и доволни количини на лекови. Со тоа понатаму ќе нема никаков ризик од кој било момент од траење на тендерската постапка за да обезбедиме квалитетни инсулини кои ќе бидат најдобри за пациентите, изјави Филипче за медиумите.

Директорот на болницата, д-р Митко Стровјанов, посочи дека новоотворениот Центар ќе има големо значење за пациентите со шеќерна болест.

– Големо беше залагањето на вработените во болницата да го уредат овој магацински простор во центар за дијабетес. Мораше прво да се исчисти, па да влезе техничката служба да го подготви просторот, а од Новонордиск – нашиот партнер во лекувањето и третманот на овие болни, се потрудија за набавка на инвентар. Со донацијата грант од ЕУ кој ќе следи во вредност од 47 илјади евра ќе се набави најсовремена апаратура, додаде Стровјанов.

Во изјава за медиумите тој во оваа пригода истакна дека по доаѓање на функцијата директор наишол на ситуација која, како што рече, не била за фалење и затекнал руиниран здравствен систем.

– Ни беше многу тешко, но веќе се гледаат резултатите од поинаквиот начин на работа. Во следниот период тие резултати ќе си дојдат сами по себе, пред се во финансиското работење на нашата болница, кое е подобрено. Од долгот од 66 милиони денари, вратени се над 20 милиони, а тоа го среди Министерството за здравство и Фондот. Јас се надевам на нов инвестициски бран за набавка на нова дијагностичка апаратура и апаратура за третман, за што ќе добиеме поддршка од Министерството за здравство, нешто и со наши средства, и дел од Фондот, додаде директорот на Општата болница во Велес.

болница велесдијабетесинсулинпациентифилипчецентар