Три знаци кои откриваат дека премногу вежбате

Може да има контра ефекти

Вежбањето е важно за здравјето, но линијата меѓу вежбањето кое е добро за нас и претераното вежбање е многу тенка и понекогаш лесно се преминува. Поради тоа е важно да правите баланс.

Доколку по тренингот се чувствувате исцрпено и без енергија тогаш е дефинитивно време да ги промените интензитетот и рутината на вежбање.

„Еден од првите знаци дека премногу вежбате е уморот поради кој ќе чувствувате оптоварување во текот на целиот ден. Ако вашите надбубрежни жлезди се исцрпени, не постои количина на кафе кое ќе ве крене“, вели Нора Тобин, нутриционист и фитнес тренер.

Необјаснивото зголемување на телесната тежина е исто така знак дека премногу вежбате.

„Доколку кортизолот, хормонот на стрес, е превисок согорувањето на калориите е оневозможено. Дури и ако правилно се храните, хормоналната нерамнотежа предизвикана од прекумерното вежбање ќе предизвика зголемување на телесната тежина и недостиг на енергија“, вели Тобин.

Таа потсетува дека уморот, недостигот на енергија и зголемената телесна тежина се сериозни симптоми кои го менуваат квалитетот на вашиот живот, но можно е да се избегнат ако направите одредени промени.

„За да го решите овој проблем брзо и ефикасно, интензивните физички вежби правете ги најмногу 40 минути или секој втор ден. Наместо тоа, вежбајте јога, пилатес, умерен аеробик или едноставно, пешачете. Брзо ќе закрепнете, ќе го намалите воспалението и ќе видите многу поголеми резултати“, советува Тобин.

вежбањезнаципретерување