Возач на 42 години кој возел камион низ европски земји заболел од морбили и е хоспитализиран на Инфективна. На клиниката со мали сипаници е примено и двегодишно дете кое не било вакцинирано а амбулантски е третирана и 29 годишна жена. Инфектолозите велат дека нема пациенти со сериозни компликации а добра е и здравствената состојба на едномесечното бебе со Даунов синдром кое се заразило со морбили. Освен во Скопје болеста се прошири и во други градови од внатрешноста а по Велес и Гевгелија први случаи на мали сипаници има и во Богданци. Во епидемијата во Скопје досега има 148 заразени од кои повеќе од 80 проценти се невакцинирани или примиле само со една доза од вакцината.
-Кога имате невакцинирани или нецелосно вакцинирани вирусот станува вирулентен односно како се пренесува од човек на човек станува се потежок за прележување, вели др. Жарко Караџовски од ИЈЗ
Повеќе од половина од заболените се на возраст до 4 години. По прогласување на епидемијата во Скопје досега МРП примиле 5509 деца или половина од невакцинираните.
Во меѓувреме, обвинителството забрани да бидат уништени вакцините со погрешна декларација се додека трае нивната постапка на попишување и ќе останат во просториите на Македонија лек.