Таравари: Состојбата со Хантан вирусот под контрола

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информира дека покрај двајцата починати од село Симница, останатите осум пациенти кои беа задржани на лекување ќе бидат пуштени дома бидејќи немаат никакви симптоми.

Таравари информира дека кај осумте пациенти кои биле задржани на лекување биле направени комплетни испитувања. Само еден пациент имал гранични вредности на антитела и вторпат било направено испитување, по што биле негативни.

– Сите осум пациенти, со последните резултати на испитувањата на антитела во крв се негативни. Сите ќе бидат пуштени дома бидејќи немаат никакви симптоми и знаци. Само еден пациент кој е примен вчера, исто така од село Симница, и кај кој има одредени симптоми, мора да почека седум-осум дена за да се направат крвни испитувања за да се докаже дали постојат такви антитела. Пациентот нема симптоми кои се поврзуваат со треска, освен што има црвенило во грло, нагласи Таравари на прес-конференција.

Тој потенцира дека се преземени сите мерки, од Комисијата и од подрачните единици за епидемиологија во Тетово и Гостивар.

– Целиот терен, и на селото, од куќа во куќа и целото бачило е дератизирано и дезинфицирано. Сега за сега комплетно состојбата е под контрола, рече Таравари.

популарнотараварихантанхеморагична