Страшни бројки за имунизацијата во Скопје – Половина од децата не примиле МРП!

Појавата на мали сипаници и прогласувањето на епидемија во Гази Баба ги извади на површина застрашувачките бројки за имунизацијата во главниот град. Дури 40 проценти од децата кои се во пунктот во Карпош а кои се родени во 2015 година не ја примиле задолжителната МРП. Од 650 деца, околу 300 се без  заштита од ова опасно заразно заболување. Лекарите велат дека при чешлањето на вакциналните картони, има уредност кај сите до 13 тиот месец кај детето, кога доаѓа празната графа за вакцината против морбили. Стравот од ширење на заразата натера дел од нив овие два дена да го послушаат апелот на епидемиолозите.

-Овие два дена доаѓаат родители за да ги вакцинираат децата. Речиси сите се од оние кои ја одложувале имунизацијата против МРП. Но таа бројка е сеуште мала и незадоволителна, вели др. Венера Митревска од Пунктот за имунизација во Карпош.

Лекарите од центрите за имунизација велат дека не треба да има одложување на календарот со вакцини бидејќи тоа на голема врата може да ги врати веќе искоренетите заразни болести. Но многу родители наместо на 13 месеци чекаат детето да наполни 2 години за да прими МРП.

-Па МРП ќе примаме. Има 2 години и 3 месеци. Знам дека како доаѓа така ги прима вакцините, но беше малку настинат, па лето и така сега доаѓаме, вели родител

Вработените во пунктот за имунизација во Карпош не паметат да имале случај на дете кое имало сериозни компликации по вакцинирање со МРП. Им порачуваат на родителите да не читаат приказни по социјалните мрежи туку да ги заштитат своите блиски од заразни заболувања.

-Многу читаат и слушаат работи од непроверени извори и недокажани и најверојатно тоа е причината што кај нив има страв, тоа го слушам од родителите со кои секојдневно разговарам, вели др Митревска.

Покрај Карпош, Центар е втората општина во Скопје каде опфатот со МРП вакцината е многу опаднат во последните години. Овие денови тимовите за имунизација имаат наредба да ги проверуваат вакциналните каертони и да ги бараат невакцинираните деца.

вакцинимрподложувањепопуларносипаница