Ерика Ченг од Универзитетот за медицина во Индијана го споредувала процентот на случаи со постпородилна депресија кај татковците и мајките. Таа контактирала 5 центри за грижа на здравјето во Индијана и ги истражувала податоците за родители на деца помали од 15 месеци. Истражувањето траело од 1-ви август 2016-та до 31-ви декември 2017-та година.
Биле анализирани податоците од 9.572 клиники. Татковците присуствувале на 30,8% од посетите и притоа одговарале прашалници. Помеѓу татковците кои учествувале, 4,4% имале симптоми на депресија, додека за мајките овој број изнесувал 5%. Доктор Ченг изјавила дека мажите страдаат од постпородилна депресија речиси исто колку и жените.
Која е причината за депресијата на татковците?
Најчесто татковците се под многу стрес поради недостатокот од сон, како и финансискиот притисок. Други причини можат да бидат и тоа што добиваат помалку секс и помалку внимание од страна на нивната сопруга или партнерка. Покрај тоа, депресијата на татковците може да биде поврзана и со депресијата на мајките.
Зошто е важно да се дијагностицира депресијата и кај татковците?
Бидејќи татковците ретко одвојуваат време за нивните основни потреби, не е доволно педијатрите и лекарите да се грижат само за детето, туку треба да им направат евалуација и на мајката и таткото. За жал, се покажало дека 80% од педијатрите немаат никаков тренинг за справување со депресија кај родителите, а сепак третирањето на постпородилната депресија е критично за менталното здравје на детето.
Во 2016-та година биле разгледани неколку истражувања за постпородилна депресија. Се открило дека мајките се депресивни во првите 3 месеци по породувањето, додека депресијата кај татковците може да се појави и по 1 година. Исто така мажите и жените различно ја покажуваат депресијата – мажите често избегнуваат емоционално искажување, не признаваат дека се ранливи, се свртуваат кон алкохолот, гневни се, импулсивни и не бараат помош. Депресивните татковци се посклони да ги удираат нивните деца и многу поретко им читаат.
Примерок од 12.884 татковци покажал дека депресијата кај татковците е поврзана со проблематично однесување кај децата на 3 и 5-годишна возраст.
Кога татковците биле погрижливи, почесто комуницирале и си играле со нивните деца, до 9-годишна возраст овие деца покажувале помалку симптоми на ментални нарушувања.
Кога ќе се земе сè предвид, од голема важност е да се дијагностицира и да се третира депресијата кај татковците што е можно побрзо. Тие треба да бидат охрабрени да бидат физички активни и да си играат со нивните деца со цел да се избегне проблематичното однесување и да се врати емоционалната рамнотежа во семејството.